Две самоубиства на пензионери во Тетово

Две самоубиства се случиле во рок од 24 часа на територијата на Тетово. И во двата случаи лицата кои си ги одзеле животите биле повозрасни граѓани.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски информира дека првото самоубиство се случило завчера вечер, околу 4 часот, кога 72-годишниот В.К. скокнал од балкон на втор кат од станбена зграда на улицата „19 Ноември”. Неговото безживотно тело било пронајдено на асфалтната патека по што увид извршиле јавен обвинител, екипа од СВР Тетово и лекар по судска медицина. На телото не биле пронајдени траги на насилство и по наредба на јавен обвинител тоа е предадено на семејството.

Вториот настан бил регистриран вчера вечер околу 19 часот и 50 минути откако најблиските го пријавиле случајот на самоубиството на 68-годишниот Џ.И. на улицата „167″ без број. Тој бил пронајден обесен во потпокривот на неговата куќа. Извршен е увид од страна на јавен обвинител, екипа од СВР Тетово и лекар по судска медицина. На телото од починатиот не биле пронајдени траги на насилство. Сепак полицијата пронашла други траги и предмети што биле земени за вештачење.

Според податоците на полицијата, годинава во тетовското подрачје се регистрирани вкупно 14 самоубиства и осум обиди за самоубиство, а на гостиварското подрачје имало две самоубиства и 34 обиди за самоубиства.