среда, 18 јануари 2017  |  Вести денес: 45

Две струмички фирми фатени во финансиски криминал тежок 316.000 евра

5000evra1

Последни вести

Управата за финансиска полиција во соработка со Основното јавно обвинителство во Струмица успеа да открие и да документира финансиски криминал во струмичките фирми ТД Пакетов Еуро Градба ДООЕЛ Струмица и ТД Кетрин Ем ДООЕЛ исто така од Струмица кои со финансиски криминал успеале да го оштетат Буџетот на Република Македонија за сума нешто поголема од 316.000 евра, информираат од Управата.

Како што посочуваат од финансиската полиција, пријавените сопственици и управители на двете струмички фирми се осомничени дека подолг временски период поголемиот дел од своето работење во делот на трговија со градежни материјали, играчки и друга стока увезена од Кина го вршеле на незаконски начин се со цел да не пријават и да не платат даноци во државната каса.

Пријавените се сомничат дека вршеле продажба на увезените производи во кеш на разни купувачи без притоа да ја евидентираат извршената продажба во сметководството на фирмите и без да пресметаат и платат данок согласно позитивните законски прописи што важат во Република Македонија. Подолг временски период, струмичките бизнисмени биле комотни во своето поведение па не поднесувале завршни сметки за фирмите, не поднесувале ДДВ пријави и на крајот за да спречат можност да бидат откриени, ја уништиле и целокупната книговодствена евиденција и документација со која располагале правните лица, се вели од соопштението.

Како што посочуваат од Управата, постои сомнение дека во случајот се вклучени и едно лице по кое ИНТЕРПОЛ има распишано потерница, како и еден штипски нотар познат по матните зделки со фирмите осомничени за финансиски криминал.

Со цел избегнување на одговороста, пријавените Р.Ј и М.Ј. го примениле веќе добро разработениот рецепт за прикривање на финансиски криминал, па формално една од струмичките фирми ја префрлиле на извесно лице Стојан Кондев Илиев од Благоевград-Република Бугарија, лице за кое со помош на ИНТЕРПОЛ Бугарија е потврдено дека е лице со лажен идентитет а патната исправа која е употребена во македонските институции е добро изработен фалсификат. Во текот на предистражната постапка утврдено е дека формалниот пренос на сопственоста на фирмата која е вмешана во тежок финансиски криминал е извршен кај нотар во Штип кој од поодамна и е познат на Финансиската полиција како учесник во повеќе матни зделки со фирми осомничени за финансиски криминал, велат од Управата.

Инаку од Финансиската полиција најавија дека ќе продолжат со истражување и на останатите фирми кои се сопственост на пријавените струмички бизнисмени како и на фирмите со кои осомничените фирми имале чести бизнис релации се со цел утврдување дали и овие фирми се вмешани во матните зделки на пријавените.

Најчитани вести