Две жртви на студентските протести во Чиле

Две лица се убиени во Чиле, за време на масовните протести на студентите во пристанишнот град Валпараизо, соопшти чилеанската полиција, јави БИ-Би-Си, пренесе МИА.

Убиените се двајца млади студенти, од 18 и 24 години, кои биле застрелани со огнено оружје, додека со спрејови испишувале графити по ѕидовите на една резиденцијална вила.

Претставник на полицијата потврди дека еден 22-годишен млад човек е уапсен во врска со убиството.

Локалните медиуми пишуваат дека пред да се случи трагичниот индидент, имало расправија меѓу синот на сопственикот на вилата и двајцата пишувачи на графити.

Тие неколкупати биле предупредени да не го прават тоа, а откако не послушале, налутениот син влегол во вилата, го зел оружјето и кога одново се вратил на улицата ги застрелал и двајцата.

Студентите биле тешко ранети и итно префрлени во болница, но таму набргу починале.

Студентите одржаа масовни и жестоки протести во низа градови во Чиле, барајќи од владата да изврши реформа во образовниот систем на земјата.

Демонстрациите на студентите во Валпараизо, град одалечен 130 километри од Сантјаго, се означени како едни од најжестоките во земјата.

Протестите се одржуваат уште од 2011 година, од кога студентите бараат реформи како од претходната, десноцентристичка, така и од сегашната, левичарска влада во Чиле, но засега нема реформирање во образованието и покрај ветувањата на политичарите.

Најголемиот број од студентските протести почнуваат мирно, но завршуваат со насилство, откако маскирани лица започнуваат да се пресметуваат со полицијата.

Трагичниот инцидент во Валпараизо е првиот во изминатите четири години во кој има двајца мртви.Единствената жртва досега, беше едно 14 годишно дете, кое во протестите во 2011 година настрада од заскитан куршум, испукан од полицаец.