Две жртви во експлозија на словенечки брод

Две лица загинале а уште две се повредени во екслозија и пожар во понеделникот на брод кој пловел во Атлантикот во сопственост на словенечката компанија „Сплошна пловидба“ кој бил регистриран на Маршаловите острови.

Двајцата тешко повредени здобиле тешки изгореници и се префрлени во болница во САД, пренесуваат во вторникот словенечките медиуми.

„Потврдуваме дека починаа двајца членови на екипажот, а двајца се поврдени“, изјавил во вторникот за медиумите директорот на компанијата, Егон Бандељ. Појаснил дека бродот има меѓународен екипаж, меѓу кои се тројца словенечки државјани, но ниеден од нив не настрадал.

Инцидентот на бродот „Тамар“ кој превезувал јаглен од американското пристаниште Балтимор кон Азорските острови се случил во водите на Атлантскиот Океан, на околу две илјади километри од Кејп Код, во понеделникот утрото по локално време.

Причините за експлозијата и пожарот во предниот дел од бродот специјализиран за транспорт на јаглен, уште се утврдуваат, а поради инцидентот и настраданите интервенирале и американската крајбрежна стража и службата за спасувње на море.

Машинскиот дел и главните делови од бродот не биле оштетени, па ја продолжил пловидбата кон крајната дестинација — пристаниште во Индија. Бродот бил изграден пред седум години во Кина и е еден од најмодерните товарни бродови од овој вид. Долг е 190 а широк 32 метри, со носивост од 57.000 тони.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.