Две жртви во Мексико во пад на хеликоптер со функционери кои ја извидувале ситуацијата по земјотресот

По земјотресот со магнитуда од 7,2 кој го погоди Мексико во петокот и остави речиси милион луѓе без електрична енергија на југот од земјата почувствувани се близу 200 афтершокови соопшти Националната сеизмолошка служба, а единствените информации за смртни случаи засега се за две лица кои загинале на земја при пад на воен хеликоптер со кој функционери ја извидувале ситуацијата по катастрофалниот потрес.

До утрото во саботата биле регистрирани најмалку 225 афтершокови, од кој најголемиот бил со магнитуда 5,9 степени по Рихтер. Епицентарот на земјотресот во петокот навечер по локално време бил на 145 километри од познатиот центар за сурферите Пуерто Ескондидо во јужната сојузна држава Оахака и бил на длабочина од 12 километри, според прецизираните податоци на Американскиот геофизички институт (USGS).

Најмалку 50 домови се оштетени во јужната држава Оахака, којашто како и главниот град Сиудад де Мехико, сѐ уште закрепнува од земјотресот во септември кој предизвика голем материјални штети.

Најмалку две лица загинале кога хеликоптер во кој биле министерот за внатрешни работи на Мексико и гувернерот на сојузната држава Оахака паднал при обидот да слета откако од воздух правел набљудување на размерите на катастрофата. Министерот Алфонсо Наварете и гувернерот Алехандро Мурат не се потешко повредени во несреќата, пренесуваат локалните медиуми

„Сфатив дека има луѓе кои го загубиле животот“, изјавил за каналот Televisia министерот и додал дека „повредени се неколку лица кои биле во хеликоптерот.

Во Сиудад де Мехико алармот се огласил 72 секунди пред подземниот удар, изјавил градоначалникот Мигуел Анхел Мансера, па жителите имале време да излезат на улиците. Според првичните процени најголема штета претрпел градот Јамилтепек каде што се уништени 50 домови, како и црквата и владина зграда, објави државната служба за цивилна заштита. Околу 100.000 луѓе останале без струја, објави гувернерот на државата.

Земјотресот бил почувствуван до соседната држава Гватемала на југот. Вулканот Попокатепетел јужно од мексиканската престолнина исфрлил висок столб од чад.