Двеста и десет милиони денари за реконструкција на болници и нова опрема

Двеста и десет милиони денари ќе инвестира Владата за реконструкција на битолската, прилепската болница и изградба на нов Ургентен центар во Кумановската болница, како и за набавка на опрема. Овие средства се обезбедени од остварените заштеди од набавката на инсулини и ленти за мерење на шеќер. Само од овој тендер вкупната заштеда е над 3.8 милиони евра (235 милиони денари).

Инаку веќе е донесена одлука за повеќегодишна набавка за распишување на проекти за реконструкција на прилепската и битолската болница, изградба на нов ургентен центар во Куманово и распишување тендери за набавка на шест мамографи и опрема за Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Од Министерството за здравство информираат дека заедно со стручен тим од архитекти и градежници е направена обиколка на објектите во Прилеп, Битола и Куманово при што е утвдено што треба да се менува.

Во болницата во Битола ќе се менува фасадата со што објектот ќе добие енергетски ефикасна фасада, изолација и промена на сите прозори, промена на лифтовите и реновирање на тоалетите.

Исто така, ќе биде извршена адаптација на стационарот, со оформување на двокреветни соби на дел од шестокреветните соби и со изведба на нови санитарни јазли.

Оваа инвестиција ќе чини околу 90 милиони денари и треба да биде завршена до октомври 2016.

Во болницата во Прилеп се планира комплетна реконструкција на операционите сали и сите тоалети, како и промена на подови. Оваа болница е изградена во 1980 година и освен промена на прозорите што е направено во 2011 година немало посериозна реконструкција.

Вкупната инвестиција се проценува на околу 40 милиони денари и треба да биде завршена до септември 2016.

Куманово ќе добие нов Ургентен центар кој што ќе се гради до местото каде што сега се постојните ургентни амбуланти на интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на ургентен центар во Куманово каде што ќе биде пренесен и апаратот за комјутерска томографија. Во истиот дел е и рендгенот што значи дека ќе има комплетна дијагностика и за хируршки и за интернистички ургентни состојби.

Оваа инвестиција е некаде околу 20 милиони денари и треба да биде завршена до крајот на 2016 година.

Во однос на набавка на нова медицинска опрема, во следниот период фокусот е на Универзитетската клиника за хируршки болести, „Св. Наум Охридски“. Покрај тоа ќе бидат набавени и шест мамографи од кои еден е за болницата „Св. Наум Охридски“, а  пет се за други пет установи и тоа во Охрид, Прилеп, Кавадарци, Кочани и  Штип.

Покрај ова ќе бидат набавени и други апарати за „Св. Наум Охридски“ како што се ендоскоп, инструментариум, апарат за гастроскопија и колоноскопија, како и многу значајни два кревети за изгореници, бидејќи таму има центар за изгореници. Инвестицијата за сите овие шест мамографи и останатата опрема е околу 60 милиони денари.