Анализи

Движења за независност и автономија во ЕУ

Движења за независност и автономија во ЕУ

Каталонија, којашто денеска гласа на предвремени парламентарни избори поради поништената декларација на независност од Шпанија, не е единствениот регион во Европската унија која бара поголема автономија или дури независност од централните државни власти. Тие се протегаат од, исто така, шпанската покраина Баскија, преку Шкотска и Северна Ирска во Обединетото кралство, и Корзика во Франција и делови на Италија и Белгија, како и Шлезија во Полска, Моравија во Чешка, Трансилванија во Романија, Северен Кипар и Гренланд и Фарските острови во Данска.

Баските обезбедија значителна автономија од шпанската круна уште во Средниот век. Подоцна екстремната сепаратистичка организација ЕТА се бореше за независна држава, а во нејзините напади загинаа стотици луѓе. Оваа групација во 2011 година се откажа од вооружената бора за својата кауза. Владејачката баскиска националистичка партија PNV заговара, исто така, независност, но е наклонета на помалку радикален пат од Каталонците.

Инаку делови од двата шпански региона се протегаат и во соседна Франција, каде што постои јасно поддржување на независноста од Шпанија.

Шкотската националистичка партија (SNP) којашто ја води шефицата на владата во Единбург, Никола Старџен, го стави засега прашањето за независност во втор план, очекувајќи разјаснување на работите околу напуштањето на Велика Британија на Европската унија. Шкотите во 2014 година на контроверзниот референдум за независност, кој го одобри Лондон, гласаа главно против. На последните национални избори во јуни, SNP загуби 21 од 56 места во парламентот во Лондон. Старџен не покажува дека би преземала едностран потег како каталонската влада, но јасно порачува дека новиот референдум за независност ќе зависи од исходот на британските преговори за Брегзитот. Инаку Шкотите во големо мнозинство гласаа против на референдумот за напуштањето на ЕУ.

Во Северна Ирска, ирските националисти и партијата Шин Фејн, изникната од поранешната терористичка Ирска републиканска армија (IRA), сметаат дека имаат шанса да стават крај на британското владеење и повторно да се обединат со Република Ирска. Во нивна полза, исто така, оди истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ и можноста од воспоставувањето на ткн „тврда граница“ меѓу двете Ирски, што би претставувало укинување на олеснувањата на комуниакцијата меѓу двата региона со цел да се намалат тензиите. Северноирските католици би можеле да покренат референдум за обединување на двата дела од островот, кој е поделен од 1922 гдина.

Шин Фејн во март годинава само неколку часови откако шкотската премиерка Старџен побара нов референдум за независност на Шкотска, побара референдум за отцепување од Обединетото Кралство. Оваа северноирска партија постојано настојува да биде организирано гласање за излез од рамките на Кралството и обединување со Република Ирска, откако Велика Британија во јуни минатата година одлучи на референдум да ја напушти Европската унија. Мнозинството гласачи во Северна Ирска на тој референдум гласаа земјата да остане во Унијата.

Многу Корзиканци веќе со децении бараат од Париз поголема автономија. Сепаратистите извршија и неколку напади врз канцеларии на централните власти и имоти на Французи на островот., но во 2014 година Корзиканскиот фронт за национално ослободување (FLNC) го положи оружјето. На регионалните избори на Корзика со децении никакви шанси за успех немаат традиционалните француски партии на национално ниво. На парламентарните избори во јуни годинава, корзиканските националисти освоија три од четирите меса кои ѝ припаѓаат на Корзика во Националното собрание во Париз.

„Нашата цел не е независност, туку поголема автономија“, велеше шефот на регионалната влада Жил Симеони,. Меѓутоа, одметнатата групација на FLNC заговара независност, доколку Париз не се согласи на поголемите отстапки, за што засега француската влада нема слух.

Во едни од најбогатите северни италијански региони Ломбардија и Венето на 22-ри октомври на референдумот победија иницијативите за поголемата автономија од Рим. Партијата Северна лига (LN), којашто некогаш заговараше поделба на земјата меѓу богатиот север и сиромашниот југ, ги организираше изборите каде ја има локалната власт. Овој советодавен референдум, кој е предвиден со италијанскиот устав, имаше големо внимание во европската јавноста во атмосферата создадена со референдумот на шпанската покраина Каталонија, иако барањата се различни. Челниците на Ломбардија и на Венето одлучно одбија секакви споредувања со сецесионистичкиот референдум во Каталонија од 1-ви октомври.

Сепаратистите на Сардинија се охрабрени од потегот на Каталонија. Мауро Пил, лидер на движењето за автономија, го претстави во парламентот во Рим нацрт законот за одржување референдум за независност.

Кога станува збор за Белгија, крајната цел на фламанските националисти е „целосна независност на Фландрија“. Националниот министер за миграции Тео Франкен, кој е фламански националист, ги пофали Каталонците, но додаде дека неговата партија „не сака револуција и не тежнее кон отцепување“. Целта е националната влада попрво да предава сѐ повеќе и повеќе од своите овластувања или на регионите или на ЕУ, сѐ додека таа не стане целосно излишна.

Доаѓањето на отстранетиот каталонски челник Пучдемон во Брисел за да не биде уапсен во Шпанија, би можело да ја разбранува чувствителната рамнотежа во рамките на кревката четиричлена коалиција во Белгија. Имено, фламанските националисти од партијата Нов фламански сојуз (N-VA) не ги кријат симпатиите кон каталонските настојувања да се отцепат од Шпанија, што го доведува во проблеми премиерот Шарл Мишел, франкофон либерал, чијашто партија е единствена од франкофонскиот дел на земјата којашто учествува во федералната влада.

Во последните три години, откако N-VA учествува во владата ги ублажи своите ставови за поголема самостојноста на Фландрија во замена за спроведување на либералните реформи. Меѓутоа, како што се наближуваат изборите во 2019 година, тие повторно би можеле да го користат адутот на одвојувањето од Белгија, и затоа поддршката на каталонските челници се чини дека во тоа е клучна. Од друга страна, пак, франкофониот дел на Белгија жестоко се противи на поделбата на земјата.

Во Полска во 1990 година е основано Движењето за автономија на Шлезија (RAS), коешто, укажувајќи на засебните културни и јазични карактеристики, бара поголема автономија. RAS, исто така, не тежнее кон независност на Шлезија, туку последните години планира да основа регионална партија и за тоа веќе има предадено документација пред полските судови.

„Сакаме поголема финансиска независност. Не сакаме повеќе да ја финансираме централната влада на начинот на којшто сега тоа го правиме“, изјави лидерот на RAS, Јиржи Горзелик.

Во Чешка од 2010 година сѐ повеќе и повеќе градски совети на празниците го истакнуваат златно-црвеното знаме со моравскиот орел, но нема сериозни повици на независност. Пред поделбата на тогашната Чехословачка во 1993 година се зборуваше за тричлената федерација на Чешка, Моравија и Словачка, но тој план не се оствари. Сѐ до 1918 година Моравија била дел од Австро-унгарското царство како посебна единица.

Во Трансилванија, дел од Романија, етничкото унгарско малцинство бара автономија уште од периодот на паѓањето на комунизмот и тука се случија во тој период најкрвавите судири на масовните протести кои ја зафатија целата земја, што му задава главоболки на Букурешт. Тензиите коишто тлееја уште за време на комунистичката диктатура стивнаа откако унгарската партија од 1996 година редовно беше дел од владата. Меѓутоа, емоциите би можеле да зовријат следната година кога Романија ќе ја одбележува 100-годишнината од „повторното обединување“ со Трансилванија, некогаш дел од Унгарија. Економијата во Трансилванија бележи голема раст споредено со остатокот од земјата, што, исто така, може да претставува фактор за зголемување на сепаратистичките тенденции.

Северен Кипар се отцепи од Република Кипар со помош на турската војска во 1983 година, иако го признава официјално само Турција. Целиот Кипар од 2004 година, законски гледајќи, е дел на Европската унија, но законите на ЕУ не се применуваат на северниот дел од островот населен со доминантно турско население.

Гренланд и Фарските острови од 1948 година уживаат релативна автономија од Данска, а во 1979 година Гренланд доби дополнителни овластувања од Копенхаген и во 995 година ја напушти Европската економска заедница (ЕЕЗ), којашто ѝ претходеше на Европската унија (ЕУ). Иако на Гренланд и на Фарските острови постојат движења за независност, овие две територии се двоумат во барањето за целосна независност поради економски причини. Во април ќе се одржи референдум за новиот устав на Фарските острови, по што може да следи референдум за независност.