Движење БЕСА: Правдата во Македонија сe’ уште функционира по етнички критериуми

Покрај вработувањето на државните службеници кои се уште се избираат по етничка припадност, судот уште еднаш потврди дека во Македонија правдата се’ уште функционира според етнички критериуми, обвини во петокот Движењето БЕСА во соопштение до медиумите.

„Кога станува збор за Албанците, судовите знаат дури и без докази да изречуваат казни со доживотен затвор, а кога станува збор за убиецот на деца, иако постојат докази и видеo каде се гледа ужасното дело, тој се пушта во слобода само затоа што е Македонец“, се наведува во соопштението во врска со случако на малиот Алмир.

„Вчера при ослободувањето на убиецот на малиот Алмир имавме прилика да видиме  како убиецот му се закани со  смрт на новинарот кој ја вршеше својата работа, потврдувајќи ни уште еднаш дека тој сеуште е опасен и постои можност да го повтори делото. Затоа, освен што ослободувањето на убиецот на Алмир Алиу го осудуваме како  злоупотреба на правдата, исто како и можноста за преквалификација на делото, апелираме до Јавното обвинителство што е можно поскоро да ја корегираат скандалозната одлука и овој убиец  да го стават зад решетки, таму каде што му е местото, бидејќи тој претставува опасност“, истакнуваат од БЕСА.