Двочасовен штрајк на солидарност во Хрватска

Во Хрватска денеска ќе биде одржан двочасовен штрајк на солидарност поради пуштање во процедура на новиот Предлог закон за труд и во знак на поддршка на оние кои работат, а не добиваат плата, а такви во Хрватска има околу 70.000 лица.

Во периодот од 12 до 14 часот, како што е најавено, ќе престанат со работа сите служби важни за секојдневниот живот на граѓаните.

Формално, штрајкот ќе биде одржан поради неисплатување на 25 плати на вработените во Здравствено- рекреативниот центар во Липика, кој е во доминантна државна сопственост, како и неисплаќање на шест плати во Арена Пула, која што е во приватна сопственост.

Возовите, трамваите и автобусите во поголемиот дел од градовите ќе застанат на пет минути, а возачите ќе свират на сирените од нивните автомобили. Наставата во училиштата ќе трае до 12 часот, во болниците пациентите нема да бидат загрозени, бидејќи со работодавачите ќе биде договорено кој може да штрајкува. Лекарите и медицинските сестри ќе одржат само получасовен собир во знак на солидарност.