Двоцифрена стапка на раст на бројот на туристи во Македонија

За 8 години бројот на туристи е зголемен за фантастични 100%. Македонија се промовираше како хит дестинација. Субвенциите и евтините летови го зголемија интересот, се вложува во нови капацитети, во подобрување на инфраструктурата.

Имаме доста инвестирано во промоција, даваме субвенции за тур-оператори и за нови авионски линии, но инвестираме и во нови содржини, во сè што им е потребно на туристите и што би можело да го привлече нивното внимание, со цел да ја изберат Македонија како нивна туристичка дестинација. Ќе продолжиме со нашите напори и она што сме го ветиле. Имаме инвестиции во сите туристички, рече премиерот Груевски.

Владата донесе одлука да продолжи со мерките кои даваат резултат. Од идната година ќе се зголемат субвенциите за привлекување туристи, од 25 на 65 евра, и тоа за гости од Израел, Италија, Франција, Шпанија, Австрија.

Сметаме дека со овие одлуки на Владата за зголемување на субвенциите за привлекување туристи од странски земји ќе се продолжи со позитивниот и континуиран раст на туризмот и на другите гранки поврзани со него, особено ако се има предвид дека анализите кои се направени со операторите од овие земји, постојат сериозни можности дека ќе имаме раст на бројот на туристи од земјите за кои го зголемуваме субвенционирањето, објаснува владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Субвенции веќе се даваат за државите од Бенелукс, скандинавските земји, Русија, Украина, ОАЕ, Јапонија, Кина, Индија, за земјите од регионот.

Целиот сет мерки, од туристичките зони до евтините летови, намалувањето на ДДВ-то за туризмот, модернизацијата на аеродромите ја позиционира Македонија на светската туристичка мапа.

Со одлуката за субвенционирање на авионските летови на нискобуџетните компании, Македонија со директни конекции се поврза со поголемите градови во Европа и светот, што подолго време претставуваше горчлив проблем за регрутирање туристи од големите градови низ светот, објаснува Соња Бибановска од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Согласно државната Стратегија за развој на туризмот до 2020-та година, проекциите се приходите од туризмот да достигнат 5% од вкупниот БДП.