Двоен јубилеј од 60 години на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература

Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ, најголемото и најстарото здружение на наставници по македонски јазик и литература во земјава, утре ќе одбележи двоен јубилеј – 60 години од своето основање и 60 години од објавувањето на првиот број на списанието Литературен збор.

Шесте децении активно поврзување на наставната теорија и наставната практика на предметот Македонски јазик/Македонски јазик и литература во основното и во средното образование се доволно долг период зада може за Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература на РМ и за неговото печатено гласило, списанието Литературен збор, да се каже дека се препознатлив и неодминлив атрибут на овој дел од воспитно-образовната традиција во Република Македонија.

На свеченоста што по повод јубилејот ќе се одржи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, со почеток во 11 часот, пригодни обраќања ќе имаат Гордана Алексова, претседател на СДМЈЛ, како и долгогодишнитеучесници во работата на Сојузот и членови на Редакцискиот одбор на списанието Литературен збор, професоритеТрајко Стаматоски, Вера Стојчевска-Антиќ и Стојка Бојковска. Јубилејот ќе биде повод за навраќање на голем број активности организирани во правец на афирмацијата на македонскиот стандарден јазик во наставната теорија и практика;на зголемувањето на јазичната и читачката култура на младите;на покачувањето на нивото на стручните и на методичко-педагошките способности на наставниците;на зголемувањето на научноста во наставниот процес по македонски јазик и литература во основното и во средното образование во РМ, како и на четиридецениската традиција на организирање и изведување ученички натпревари.

Во чест на овој значаен јубилеј и како продолжување на традицијата на објавување библиографии на трудови отпечатени во списанието Литературен збор, објавена е Библиографија на Литературен збор 2003 – 2013 со 459 наслови на статии, кои во изминатите десет години се најдоа помеѓу кориците на ова вредно стручно помагало.