Двојазичност во Македонија може да доведе до меѓуетнички тензии – иселениците згрозени од Заев

Не стивнуваат реакциите на експерти, здруженија, политички партии по предлогот на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, за воведување на двојазичност на целата територија на Македонија.

Ваквата изјава на Зоран Заев за воведување на двојазичност во државата може да предизвика меѓуетнички тензии кои би можеле да доведат до граѓанска војна, па дури и до губење на македонскиот идентитет, сметаат експертите.

Според аналитичарот Александар Пандов, најавите за воведување на двојазичност на целата територија на Македонија, од страна на македонски политичар е опасна игра, која може да испровоцира радикализирање на политиките на албанските партии во државата.

„Како никогаш досега во државата има супер односи помеѓу Македонците и Албанците, но да не се залажуваме бидејќи Албанците повторно ќе си гласаат за албанските партии, а Македонците за македонските партии. Заев да игра на картата дека тој ќе чепне од албанските гласови е чекор кој скапо ќе го чини. Тие многупати досега спроведуваа политики кои ги зачудуваа граѓаните кои се прашуваа во чиј интерес се тие, а овој пат Заев игра на една многу опасна карта. Според мене најлошото во целата оваа ситуација е што зборувајќи вака Заев ќе ги испоровоцира албанските политички партии да мораат да ги радикализираат своите политики, заради тоа што имаат некои македонски политичар којшто го прави тоа, смета Пандов.

И според универзитетскиот професор Александар Даштевски ваквата теза на Заев е многу опасна, бидејќи, како што вели, може да предизвика нови проблеми во државата и повторно затегнување на односите меѓу Македонците и Албанците, кои како што дополнува тој, во моментов, се на релативно добро ниво, кои пак може да доведат до граѓанска војна.

„Ваквите најави за двојазичност можат да ги искомплицираат односите меѓу Македонците и Албанците, кои сега на релативно добро ниво. Можат да предизвикаат меѓуетнички тензии или да доведат до граѓанска војна. Со редефинирањето службен јазик нема да биде македонскиот и тоа ќе значи губење на идентитетот, предупредува професорот Даштевски.

Тој во изјава за Нет Прес посочува и дека стандардите кои ги предвидува Рамковниот договор се поголеми од било кои други стандарди во Европа и во светот.

„Сметам дека прашањето со јазикот е веќе решено во 2001 година со Охридскиот рамковен договор. Оние стандарди дадени со Рамковниот договор на албанската етничка заедница во земјава, се поголеми од било кои други стандарди во Европа и во светот. Со Декларација донесена на Советот на Европа во 90-тите години за правата на користење на јазиците на националностите низ цела Европа и стандардите предвидени со таа Конвенција се помали од оние кои ги предвидува Охридскиот рамковен договор. Според мене тие стандарди дури треба да се намалат и да се изедначат со европските стандарди. Прашањата со употреба на јазикот на малцинствата се веќе утврдени и не треба да се отвораат и редефинираат, бидејќи сите се задоволни “, вели Даштевски за Нет Прес.

Реакции и најостри осуди за изјавата на лидерот на СДСМ дека е подготвен доколку дојде на власт да воведе двојазичност во сите градови на Македонија, денеска пристигна и од Здруженијата на македонски иселеници во Австралија. Во реакциите нашинците од повеќе делови на Австралија му порачуваат на Зоран Заев дека работи на штета на Република Македонија и дека со двојазичноста ја редефинира и уништува земјата.

„Лидерот на СДСМ не крие дека неговата антимакедонска политика има единствена цел, да се додвори на албанските гласачи, без разлика што оди на штета на македонските национални интереси…. Сакаме да ја изразиме нашатазагриженост и револтот околу ова прашање кое го наметнува Заев и не се откажува од идејата да ја втурне Македонија во бездна“, порачуваат Македонците од Квинбијан.

Од Македонската заедница од Нов Јужен Велс, пак, бараат негова оставка.

„Крајно време е да се стопира оваа анти-македонска еуфорија предводена од Заев. Па, зарем Гоце, Даме и Ченто се бореа за да зборуваме на албански во својата земја. Ова е голема срамота, нискост и дрскост на еден политичар кој очигледно желбата за власт во толкава мерка го опијанила па се дрзнал да зборува за двојазичност во градот херој прилеп кој пролеа најмногу крв за оваа Македонија што ја имаме. Бараме итна оставка од Заев“, се наведува во реакцијата на Македонската заедница Нов Јужен Велс.

И македонската заедница од Перт е згорозена од тоа што, како што велат, Заев без срам најавува двојазичност во цела земја.

„За гласовите на Албанците тој е подготвен албанскиот јазик да стане официјален на територија на цела Македонија… Со тоа Заев го покажува очајот од наредните избори и е жив пример за тоа што прави алчноста за власт, пари и моќ…. Македонскиот народ видел многу страдање, многу предавства и војни, но никогаш не запаметил ваква омраза која доаѓа со појавата на Заев, се наведува во рекацијата на македонската заедница  од Перт.

Од друштвото „Свети Наум Охридски“ во Мелбурн порачува дека инсталирањето на двојазичност ги поткопува темелите на државата.

„Инсталирањето двојазичност силно ги поткопува темелите и вредностите кои со векови се создавале и длабоко ја револтира Македонската дијаспора од Викторија, а веруваме и во светот. Апсурд е фактот што додека македонските здруженија и организации со децении работата на промоција на Македонскиот идентитет во светот, внатрешни структури носат штета на македонските национални интереси“, стои во реакцијата на македонската заедница во Мелбурн.