Двојна среќа на Водици во Карпош

Големиот христијански празник Водици (Богојавление), денеска, пригодно се одбележа и во општина Карпош со фрлањето на крстот во водите на реката Вардар, како синоним на светите води на реката Јордан.
Младите и храбри верници Кристијан Андреев од населбата Нерези од општина Карпош и  Милан Контрадјук од општина Ѓорче Петров, се двајцата среќни кои оваа година го фатија крстот, и според верувањата, нив и целите нивни семејства оваа година ќе ги следи здравје, среќа и бериќет.

На фрлањето на светиот крст како верски ритуал, пред повеќе од 5.000 граѓани, скокаа околу 50-тина верници. Со фрлањето на крстот од страна на свештените лица, симболично се крштеваат водите и се најавува крајот на некрстените денови и почеток на живеењето на христијаните со верата во Исус Христос.

Железниот мост на Вардар на „границата“ меѓу Карпош и Ѓорче Петров, е местото каде што секоја година жителите на двете општини се среќаваат и го чествуваат овој голем празник.  Манифестацијата налага свој кум, па така оваа година кумот  Марјан  Ивановски од општина Карпош им го честиташе храбриот потег на двајцата верници и им подари телевизори. Потоа стариот и новиот кум Диме Спасов се упатија кон кујната на црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези каде се даваше пригоден ручек.

На традиционалното фрлање на крстот присуствуваше градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, а Општината е докажан почитувач на традицијата секоја година,  со тоа што е помагач во одбележувањето на Водици. Општина Карпош, секоја година, така и оваа, обезбеди маици за капачите, го стави на располагање чамецот за спасување, а исто така, во организација на локалната самоуправа беше и озвучувањето при обраќањето на свештените лица кон присутните.