Двојно намален бројот на пациенти кои не доаѓаат на закажан преглед

Пацинетите и докторире се повеќе се дисципинираат во однос на непочитувањето на закажани термини во системот Мој термин. Според анализата на податоците од Мој термин, во ноември бројот на пациенти кои не дошле на закажаниот термин (и истиот не го откажале) е за 42 отсто намален во однос на претходниот месец.

Прикажано во бројки, во октомври на закажан преглед не дошле околу 45.000 пациенти, додека во ноември не дошле речиси половина помалку, односно вкупно 26,370 пациенти, а околу 27,700 упати биле нереализирани.

„Забележавме и редуцирање на појавата за која исто така неодамна информиравме, а тоа е доцнење на одреден број доктори 3 пати или повеќе од 3 пати во месецот по минимум 1 час на првиот закажан преглед во денот. Како што знаете, во месец септември бројот на овие доктори беше 162, во месец октомври драстично се намали на 32, додека во месец ноември е сериозно намален во споредба со претходните месеци и изнесува 24 доктори.  На пример, специјалист по трансфузиона медицина од Крива Паланка беше посочен дека во 15 дена во месец септември задоцнил повеќе од 1 час на прв закажан преглед. Истиот доктор во месец ноември нема ниту едно доцнење. Само кај двајца доктори (од нова градска и од УК за урологија) има повторување во доцнењето во сите 3 месеци“, посочи министерот за здравство, Никола Тодоров.

Пациентите кои не можат да дојдат на закажаниот термин, може да го откажат со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат. Тимот од Мој термин редовно испраќа СМС-пораки до пациентите со потсетување за закажаните термини.

Откажувањето на термините изминатиот месец е за 18 отсто зголемено во споредба со септември, односно во месец септември биле откажани вкупно 37.861 термин, додека во месец ноември биле откажани вкупно 44.750 термини.

Исто така, околу 13.5 отсто од специјалистичките упати во ноември не биле реализирани поради недоаѓање на пациентите, а за споредба, овој процент во јули и август бил прилично повисок и изнесувал 23 отсто.