Двојно зголемена корупцијата во државната администрација

Корупција Бугарија

За речиси двојно се зголемила корупцијата во државната администрација во Бугарија. Тоа го покажал извештај на Главниот инпекторат на Министерскиот совет, доставен до премиерот Огнен Герџиков, јавуваат тамошните медиуми, пренесува НетПрес.

Во извештајот биле опфатени проверки направени во министерствата и во други државни институции во текот на 2016 година, според законот за администрација на Бугарија. Биле извршени 1312 контроли, од кои 23 случаи биле доставени до обвинителството. Во повеќето проверени државни и јавни структури, корупцијата била извршена во вид на притисок, било наведено во извештајот. Инаку, бугарските медиуми објавуваат дека во споредба со 2015 година, бројот случаите на висока корупција се зголемил за два пати. Во извештајот било наведено дека причина за зголемувањето на нивото на корупција е недостатокот на целосни и детални прописи, како и друг вид на пропусти при јавните набавки.

Исто така, била спроведена и истрага дали исти државни службеници учествуваат во одобрувањето на проекти, финансирани со европски пари.

„Важни се и контроли на администрацијата, како и на второстепените распределувачи на пари, но и самото обезбедување на админситративни услуги. Се проверува и можното незапазување на законот за спречување и утврдување на конфликт на интереси. Во инспекторатите се оформени 152 дисциплински постапки против вработени во државната администрација, а изречени се и 110 дисциплински казни. До Комисијата за спречување и утврдување на конфликт на интереси се предадени 16 случаи“, се вели во извештајот, објавен од медиумите во Бугарија.