Џафери бара партиите итно да се усогласат за локалните избори

Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа побарале од Собранието на Република Македонија да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори. Во барањата кои Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС ги доставиле до претседателот на Собранието, Талат Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, се укажува и на проблемите кои ќе настанат во оваа ситуација.

Џафери, барањата ги доставил до пратениците во Собранието на Република Македонија бидејќи, како што се додава во соопштението, ова прашање исклучиво е во надлежност Парламентот и бара итно усогласување на сите парламентарни политички партии во однос на потребните измени во Изборниот законик, но и на сите други активности кои се однесуваат на постапката утврдена во Деловникот на Собранието, како во однос на основање на сите собраниски работни тела, така и во однос на постапката за разгледување и  донесување на законите.