Џафери бара пратениците да кажат дали ќе учествуваат во кампањата за референдумот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска достави известување до пратеничките групи во кое бара во рок од три дена да одговорат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот која треба да ја спроведе Собранието, како и за тоа каква кампања ќе водат, дали ќе бидат „за“ или „против“ референдумското прашање.

Известувањето е упатено до координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Беса, како и до пратениците на ДПА и Алијансата за Албанците.

Џафери истовремено ги информира пратениците дека по барање на Собранието, Владата на вчерашната седница донела одлука и одобрила да му се обезбедат средства на Парламентот во висина од 80 милиони денари.

Рокот од три дена Џафери им го дава на координаторите на пратеничките групи за да го известат дали ќе учествуваат во јавната пропаганда и за тоа дали ќе водат кампања „за“ или „против“ референдумското прашање заради планирана и соодветна распределба на овие средства за реализација на јавната пропаганда.

Собранието вчера формираше Координативно тело за спроведување на референдумот на државно ниво на 30 септември и водење на јавна кампања.

Со Координативното тело ќе раководи Џафери, а негови членови ќе бидат потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Во вчерашното соопштение по координативната средба се наведуваше дека Собранието ќе им даде можност на сите пратеници кои се „за“, „против“ или за „бојкот“ на референдумот, пропорционално според изјаснувањето да бидат застапени и да можат да ги изразат своите ставови и аргументи пред јавноста.