Џафери: Блиску сме до решение со ВМРО- ДПМНЕ, Собранието мора да биде самостојно

Претседателот на Собранието,Талат Џафери, очекува во текот на следните денови да биде најдено решение за над 35-те илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците, поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а целта е како што наведе на брифингот во средата со новинарите, е да се избегне блокада на паrламентот

„Комуницирам со претставници на пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека сме блиску до решение“, рече Џафери.

Тврди дека постојано разговара со пратениците од опозициската партија, но е дециден дека ако има амандманска расправа ќе се блокира Законодавниот дом. На брифингот со новинарите појасни дека работи и на тоа опозицијата што побргу да се врати во Собранието.

Постигнат е договор пратеничките групи и европски претставници во март да одржат средба во рамки на политичкиот дијалог „Жан Моне“, информираше претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со новинарите. Тој истакна дека амандманска расправа за Законот за јазиците не е решение на прашањето.

Постои политички дијалог на сите нивоа, со сите политички партии во однос на законите за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство, информира претседателот на Собранието Талат Џафери на денешениот брифинг со новинарите. Тој изјави дека работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ работат на усогласување околу мислењата за законот за заштитени сведоци, а оти деновиве се очекува и конечна одлука за тоа прашање.

Зборуваше и за најавената средба во рамките на политичкиот дијалог „Жан Моне“, за Законот за јазиците, како и за потребата за независно буџетирање на Собранието.

Џафери наведе дека пратеничките групи на сите политички партии одржале неколку средби со европратеницте Иво Вајгал, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои пред два дена ја посетија Македонија, на кои првично бил постигнат договор да биде одржана средба од 15 до 17 март во Охрид во рамки на дијалогот „Жан Моне.“ Додаде дека алтернативно ќе им биде јавено од Брисел ако средбата биде одложена во мај, доколку се случи да не може да биде обезбедено присуство на видни личности кои се планирани да присуствуваат на средбата, како експерти, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан или високи претставници на Европската комисија и други европски институции.

 

Првиот човек на македонскиот парламент изрази мислење дека е неопходно независно финансирање на законодавната институција. Во оваа насока Џафери наведе дека во претходните дебати дошле заклучоци оти не може да постои собраниска контрола, ако Собранието не е независно. Тој посочи дека во моментов Собранието е зависно во однос на донесувањето на Буџетот од страна на Владата, бидејќи како и за другите институции министерот за финансии има право да крати дел од средствата на Собранието.

Џафери рече дека една од потребите е независното буџетирање, а втората е од аспект на внатрешната безбедност на Собранието. Истакна дека внатрешното обезбедување на Собранието зависи и е под контрола на Министерството за внатрешни работи, а дека во практика во одредени моменти некој „од горе“ по телефон му наредува на обезбедувањето како да постапува, укажувајќи на примерите од минатото кога пратенци се вадени од салата, за што оцени дека е недозволиво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.