Џафери – Мандиќ: Соработката на секое ниво е основа за развој

Унапредувањето на регионалната соработка во рамки на веќе воспоставените иницијативи како Центарот за безбедносна соработка и можностите за зголемување на заедничките активности на RACVIAC и Македонија, беа темите на кои денеска во Министерството за одбранразговараа министерот за одбрана, Талат Џафери, и директорот на RACVIAC, амбасадорот Бранимир Мандиќ.

Министерот Џафери на средбата истакна дека развојот на соработката на секое ниво е од есенцијално значење за одржување на мирот и безбедноста во светот, вредности кои, пак, се предуслов за благосостојба и економски развој. Регионалното поврзување преку иницијативите како RACVIAC, додаде министерот, се еден особено значаен елемент за креирање на клима на доверба, почитување, пријателство и поддршка помеѓу земјите од регионот.

Амбасадорот Мандиќ го информираше министерот за активностите кои се дел од годишниот план на Центарот, со акцент на можностите за реализирање на три особено важни настани во Република Македонија, и тоа во областа на градењето интегритет и спречувањето на корупцијата, како и развојот на сајбер-безбедноста.

Центарот за безбедносна соработка – RACVIAC е основан во 2000 година како регионален центар за контрола на вооружувањето со цел да промовира мерки за градење на безбедноста и проширување на соработката во регионот на Југоисточна Европа. Имајќи го предвид опкружувањето и постојните предизвици, центарот го зголеми опсегот на активности да вклучува и голем број политичко-воени теми, меѓу кои и реформите во одбранбениот сектор, процесите за интеграција во евроатлантските структури и потребата од зголемена соработка помеѓу земјите од овој регион.