Џафери на средбата со Коѕиас: Со Грција минавме низ многи предизвици

Собранискиот спикер Талат Џафери изразил задоволство од средбатата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и очeкување за интензивирање на средбите на сите нивоа во иднина, вклучително и на парламентарно ниво меѓу двете држави.

„Република Грција е наш јужен сосед со кој поминавме низ многу предизвици во изминатите декади и кој, во исклучително критични моменти, активно ја поддржа европската интеграција на Република Македонија со ратификацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, за доделувањето на кандидатски статус за членство во ЕУ и безвизниот режим за нашите граѓани во земјите на Унијата и нашите напори за исполнување на критериумите за членство во ЕУ и НАТО“, истакнал Џафери.

Коѕиас истакнал дека е почестен што е гостин во Собранието на Република Македонија и нагласил дека Република Грција како прв сосед ја сака стабилноста на Македонија и ја поддржува нејзината евроатлантска интеграција. Како најстара земја на ЕУ и НАТО од регионот, стои на располагање со сопствени искуства и експерти да ѝ помогне на земјата во реформската агенда.

Според него, сега е моментот да се постигне компромис за отворените прашања кои нè држат во затворот на историјата, бидејќи на тој начин може да се отворат сите полиња на заедничка соработка, вклучително и интензивирање на средбите на парламентарно ниво со колегите од парламентот на Грција.

Соговорниците се согласиле дека мерките за градење на доверба успешно се имплементираат во повеќе области и беше истакнато дека може да се посвети повеќе внимание на развивање културни проекти, како мост за поврзување на двете држави и граѓаните, кои во континуитет одржуваат блиски и пријателски односи.