Џафери по средбата со Хојт Ји: Од утре ќе се обидам да го ставам Собранието во функција

По средбата во понеделникот со заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји, Талат Џафери од ДУИ, изјави дека од вторник ќе се обиде „да го стави Собранието во функција“, откако минатиот четвртокот вон процедура и само со волја на пратениците од СДСМ и албанските партии беше назначен за парламентарен спикер, што доведе до реакција на граѓаните и немирите во парламентот.

„Првпат по трагичните настани од 27 април овде во просториите на Собранието имам можност во својство на претседател на Собранието на РМ да ви се обратам и да ве информирам дека остварив една од првите мои официјални средби со официјален меѓународен претставник, високиот претставник од САД  господинот Ји. Разменивме доста разговори по однос на потребата стабилноста и делувањето инстутиционално на Собранието да се врати во функција и што побргу сите да ги заборавиме последиците од 27 април“, рече Џафери.

Во изјавата за медиумите, Џафери по средбата со американскиот функционер, не прецизираше кога ќе му испрати писмо на Претседаелот Ѓорге Иванов за новото парламентарно мнозинство и кога ќе закаже собраниска седница.

„Присуството на американскиот дипломат ја потврдува поддршката од САД за новоизбраниот претседател на законодавниот дом. Од утре ќе се обидам да го ставам собранието во функција и посакувам повредените при инцидентот на 27 април наскоро да закрепнат и да им се вратат на секојдневните обврски“, рече Џафери.

Притоа, изрази уверувaње дека ќе се потруди да биде, како што рече, претседател на сите пратеници во Собранието,  без оглед на нивната политичка или етничка припадност, како и без оглед на тоа како се изјасниле во однос на неговиот избор.

„Во тој контекст од утре па натаму ќе се обидам да ја ставам во функција работата на Собранието, без оглед на последиците што се видливи и денеска“, рече Џафери.

На новинарско прашање како ќе свика седница и ќе го стави во функција Собранието, Џафери рече дека како претседател на Собранието ќе постапи „согласно надлежностите што ги има во Деловникот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.