Македонија

Џафери-Шчербак: Односите меѓу Македонија и Русија по нагорна линија

Џафери-Шчербак: Односите меѓу Македонија и Русија по нагорна линија

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери имаше средба во четвртокот со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија Олег Шчербак, на која изразија надеж дека пријателските односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат по нагорна линија, соопшти собраниската прес-служба.

Нагласувајќи дека по настаните од 27-ми  април 2017 година, Собранието успеало да се врати во нормален тек на функционирање, Џафери го информирал амбасадорот Шчербак за активностите што и претстојат на оваа институција до крајот на годината, како што е усвојувањето низа реформски закони кои произлегуваат од препораките на Европската унија.

Посочил и дека преговорите меѓу власта и опозицијата продолжуваат и покрај одлуката на опозицијата да не учествува во работата на Собранието.

„Џафери ги потврди стратешките приоритети на Република Македонија, како што е членството во ЕУ и НАТО, укажувајќи дека во април очекуваме позитивен извештај од Европската комисија и покана за членство во НАТО на следниот самит на Алијансата“,се наведува во соопштението.

Нагласувајќи го значењето на парламентарната дипломатија, Џафери информирал дека пратениците од Собранието на Република Македонија се активно вклучени во меѓународните парламентарни активности, а собраниска делегација учествувала и на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија, што се одржа во октомври 2017 година во Санкт Петербург.

Амбасадорот Олег Шчербак изразил очекување дека билатералните односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија ќе продолжат да се продлабочуваат во сите сфери, а
особено на полето на меѓупарламентарната соработка.

Информирал за одбележувањето на „Денот на руската дипломатија“ и за церемонијата што по тој повод ќе се одржи на во петокот во Битола. Покрај тоа, годинава се навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија и одбележувањето на овој јубилеј ќе даде дополнителен поттик за унапредување на билатералната соработка.

Соговорниците се согласиле дека генерално се задоволни од развојот на односите меѓу двете земји, иако постои потенцијал за продлабочување на соработката, и тоа пред сè во доменот на економската соработка, земјоделството, енергетиката и транспортoт.