Џафери се сретна со Ердоган: Македонија има поддршка од Турција на патот кон НАТО

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, во Анкара во четврокот беше пречекан од шефот турската држава, Реџеп Тајип Ердоган, кој уште ендаш ја . потврди заложбата за добри односи меѓу двете земји, како и меѓусебната поддршка во евроинтеграцискиот процес.

Џафери претходно се сретна и со неговиот турски колега, Исмаил Кахраман. Притоа изјави дека посетата е продолжение на меѓуинституционалната соработка. Истовремено, се заблагодари и за постојаната и конструктивната поддршка од страна на Турција, како и за покажување солидарност кон Македонија во рамките на евроинтеграциите, особено за силната поддршка за членството на Македонија во НАТО.

„Разменивме мислења за соработка во сите области. Заедничкиот заклучок е дека има недостиг од соработка на економски план, како и во областа на туризмот. Во насока на натамошната поддршка, за аспирациите за во НАТО, Република Турција стои цврсто зад претходните одлуки за безрезервна поддршка на Македонија за во НАТО“, рече Џафери.

Претседателот на Големото национално собрание на Турција, Исмаил Кахраман, изрази оптимизам за натамошно продлабочување на одличните односи и соработка меѓу двете собранија.

„Изразувам благодарност за конструктивната улога на Собранието на Република Македонија, во рамките на парламентарното собрание во процесот за соработка со Југоисточна Европа, односно предлог за компромисно решение, со цел надминување на неколкугодишната стагнација за изнаоѓање решение за седиштето на секретаријатот на ова парламентарно собрание“, додаде Кахраман.

Во текот на денот, Џафери го посети и Мавзолејот на Ататурк, каде постави букет цвеќе и се потпиша во Златната книга.