Џафери: Шефот на државата има уставна одговорност да го потпише Законот за јазиците

Претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише Законот за јазивите кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање, тврдеше во четвртокот вечерт претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за емисијата „Само вистина“ во врска со Законот за јазиците и најавите на Претседателот Ѓорге Иванов дека нема да го потпише.

„По првото читање Претседателот има во право на суспензивно вето, за второто гласање кога ќе се обезбеди мнозинство, Претседателот на државата е должен да го потпише“, рече Џафери додавајќи дека тоа е согласно член 75 од Уставот.

На прашањето зошто доколку смета дека Претседателот постапува спротивно на Уставот, не се побара импичмент, одговори дека тоа во сегашните околности не може да се спроведе, бидејќи го нема двотретинското мнозинство потребно за таа процедура.

Собранискиот спикер, исто така, рече дека со Законот за јазиците се „заокружува правната рамка на Охридскиот рамковен договор“, Македонците не губеле ништо, а не губела ниту државата во смисла на нејзиниот унитарен карактер.

„Со законот не се добива бинационалност и билингвалност, теза што ја пропагираат оние кои велат дека со законот се нарушува поредокот на државата“, рече Џафери.

На прашањето зошто прво побарал доставување на амандмани, а потоа не биле разгледани, истакна дека службите на Собранието физички не можеле да го систематизираат сето тоа што било поднесено.

„Уште пред да се евидентираат сите амандмани, формално и со опозицијата и со мнозинството им кажав дека работата ќе заврши вака, затоа што не може да се има можност да се разгледуваат 36.000 амандмани, а да не се блокира работата на Собранието. Ова е историски момент за државата и не треба да се врати таквата слика за законодавниот дом“, додаде Џафери кој и самиот имаше епизода во парламентот на блокирање на носењето на законот за бранителите.