Џамбазоски: Од лаги и параноични текстови е најтешко да се одбраниш

Во врска со текстот „Панта Џамбазоски од соработник на тајните служби до експерт во СЈО” , во продолжение објавуваме демант од Панта Џамбазоски:

Од лаги, глупости, од параноични и непотпишани текстови, е најтешко да се одбраниш. И од множеството на „копи-пејст” објавени во, до вас блиските медиуми. Преку гнасниот текст на Нетпрес јас во себе откривам нова, за себе непозната личност и тоа многу опасна личност, од која се плаши целата власт.

Никогаш не сум бил соработник на тајни служби, што значи и никогаш не сум имал каква било корист од нив, за разлика од НЕТПРЕС кој доаѓа до некакви документи на тајните служби, а притоа без да побара изјава од мене, што е новинарско правило. Во деведесетите години важев за новинар – експерт за албанското прашање и за прашањето на политичките партии на Албанците во нашата земја, за што во Нова Македонија имав објавено многу текстови и интервјуа, кои верувам биле многу читани, секако и од службите и тоа не само на Македонија.

Да прецизирам, во 1994 година јас не сум бил дописник од Албанија за да можам подробно да информирам за Демократската партија на Сали Бериша и врските со Мендух Тачи. Не знам и зошто во текстот е спомната и аферата „Дувло” кога и во самиот текст не се поврзува со моето име. Уште посмешно е дека сум бил ангажиран во незаконско прислушување, од што, заради актуелност, се прават конструкции.

Се` на се, тешки глупости, но и еден гнасен, силен напад врз мојата личност, за кој треба да добијам извинување, или ќе треба да се соочиме пред судот. И, за крај, јас не сум поранешен новинар, туку дипломиран новинар со 30-годишна чесна новинарска кариера, кој заработувал само плата, а во моментов сум на листата на невработени лица во Агенцијата за вработување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.