Џејмс може и лево и десно и во средина

Околу 40 илјади верни фанови ја поздравија најновата милионска аквизиција на актуелниот европски клупски шампион, Реал (М), најдобриот стрелец на последниот Мундијал во Бразил, репрезентативецот на Колумбија, Џејмс Родригез.

Откако го потпиша понудениот 6-годишен договор, кој му гарантира годишна заработувачка од 7 мил. евра, 80 милионското засилување на “кралскиот клуб” изјави дека најпосле го има облечено дресот кој во минатото го има носено неговиот идол, Зинедин Зидан.
“Од секогаш сум бил фан на Зинедин Зидан. Зи-Зу е мојот идол. Од секогаш сум фан на Реал (М), секогаш ги следев нивните натпревари, сонував како играм за Реал (М). Уживав во Зидан, Роналдо и Роберто Карлос. Го исполнив големиот сон. За мене не е важна позицијата, ќе играм таму каде што ќе ми биде речено. Ќе ја применам секоја наредба на мојот тренер. Не ми е важно, можам и лево и десно и во средина”, изјави Родригез.