Џерард доби понуда за нов двегодишен договор – челниците на клубот му ги скратија финансиите

Менаџерот на Ливерпул, Брендан Роџерс објави дека клубот му понудил нов договор на капитенот Стивен Џерард, кој доколку не го прифати, во јуни може да си замине без никаква оштета.

Земајќи го во предвид фактот дека Џерард веќе има 34 години, сопствениците на Ливерпул се одлучиле да му понудат значително помала плата од онаа која ја заработува во моментов, односно наместо оние 160,000 фунти неделно кои пристигаат на сметката на Џерард, тие му понудиле 90,000, односно 60,000 фунти неделно.

Договорот е во времетраење од две години, со тоа што во првата година капитенот би ги заработувал оние 90,000 фунти, додека во втората би заработувал 60,000 фунти неделно.

Сепак, од почит кон Џерард, челниците на клубот ќе му понудат некое од тренерските места во клубот, евентуално местото спортски амбасадор на клубот.

Дали Џерард ќе остане до крајот на кариерата во Ливерпул, клубот во кој ужива статус на легенда, или парите ќе ја расипат “љубовта” помеѓу “Стиви Џи” и “црвените” од Енфилд, останува да видиме барем до јануари, кога капитенот ќе може да преговара со други заинтересирани клубови.