„Џерман вингс“ откажа најмалку 30 лета

„Џерман вингс“ е принуден да откаже најмалку 30 летови ширум Европа, по катастрофалниот пад на неговиот авион во вторникот, во кој загинаа 150 лица, изјави претставник на „Луфтханза“, објави „Билд“.

Авиокомпанијата, која е нискобуџетна филијала на „Луфтханза“, соопшти дека персоналот не се појавил на работните места од лични причини.

Од 30 откажани летови „Џерман вингс“ потврди за само седум. Компанијата соопшти дека персоналот не се чувствувал подготвен за работа на летовите од Дизелдорф.

– Човек не смее да заборави дека многу од вработените во „Џерман вингс“ ги познаваа членовите на екипажот, кои беа во урнатиот авион, изјави директорот на Луфтханза, Карстен Спор.

Ербас А320, кој превезуваше 144 патници и шест членови на екипажот се урна вчера во планиската област Дигне во јужна Франција. Авионот, кој припаѓал на германската нискобуџетен авиопревозник „Џерманвингс сообраќал на релација Барселона-Дизелдорф.