Џихадисти се претставуваат како бегалци за да влезат во Европа

Борци на џихадистичката група Исламска држава (ИД), претставувајќи се како бегалци, се обидуваат да влезат од Сирија во Турција, а оттаму да заминат во Западна Европа поради извршување терористички напади, пишува денеска германскиот весник „Билд ам зонтаг“, објави МИА.

Американското разузнавање успеало да открие шифриран разговор на борците од ИД, кои го разгледувале овој план, објавува весникот, повикувајќи се на податоци од американските специјални служби.

Притоа терористите сакале да ги избегнат патувањата со авион кон земји на ЕУ, поради строгата контрола во воздушниот сообраќај.

Германското Министерство за внатрешни работи коментира за весникот дека се однесува многу сериозно кон оваа закана, која според него во секој момент може да премине од апстрактна во реална.