Џихадисти се приближиле до Багдад

Припадници на екстремистичката Исламска држава (ИД) денеска се приближиле на помалку од два километра до ирачкиот главен град Багдад, соопшти Фондацијата за помош и примирје на Блискиот исток, објави МИА.

– Исламската држава сега се наоѓа на помалку од два километра од влезот во Багдад, истакна портпарол на Фондацијата.

Претходно, Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, соопшти дека екстремистите на ИД се приближиле на пет километри од клучниот курдски град Аин ал-Араб, во близина на сириско-турската граница.

Борците на ИД истрелале најмалку 15 ракети кои го погодиле центарот на градот, наведува Сирискиот центар, тврдејќи дека едно лице загинало.

ИД тргнала кон Аин ал-Араб, во северната сириска провинција Алепо, пред две недели, а телевизијата „Ал Џазира“ јавува дека над 15.000 луѓе го напуштиле градот поради офанзивата на екстремистите.

Меѓународната коалиција предводена од САД во текот на ноќта извршила воздушни напади врз припадниците на ИД во четири сириски провинции Алепо, Раку, Хасакех и Деир ел-Зоур, како и најголемата сириска плинара Коноко.

Џихадистите на ИД држат под своја контрола значаен дел од ирачката и сириската територија.