Џихадистите егзекутираа 21 египетски христијани Копти

Џихадистичката група Исламска држава (ИД) емитуваше видео снимка од масовната егзекуција на 21 египетски христијани-Копти, кои беа заробени во Либија во текот на нападите во реонот на градот Сирт, пренесува МИА.

На снимката се гледаат Египќаните облечени во портокалова облека, како клечат на колена непосредно пред да им бидат отсечени главите.

Сите егзекутирани египетски Копти, работеле во оваа северноафриканска земја како градежни работници. Биле заробени во текот на декември минатата и јануари оваа година.

Официјален Каиро остро го осуди „варварското убиство„ на египетските христијани.Претседателот Абдел Фатах ал Сиси предупреди дека „Египет го задржува правото да возврати,на секаков можен начин„.

Ал Сиси рече дека неговата земја, како и целиот свет водат борба со „екстремистичките групи кои спроведуваат екстремистичка идеологија“.

Заедно со снимката емитувана на интернет,ИД дистрибуираше и соопштение во кое се вели дека оваа милитантна исламистичка група „продолжува со нападите и акциите“ во Либија.

Оваа земја во Северна Африка, по насилното соборување на поранешниот лидер, полковникот Моамер Гадафи, со голема помош на европскиот Запад и САД, веќе четири години не може да се стабилизира и да формира силна централна власт,што би имала контрола врз целата територија на Либија.

Подолго време земјата нема влада, но наместо тоа, има две противнички влади, едната во главниот град Триполи, а другата во Тобрук.Двете влади,немаат никаква контрола врз Бенгази, вториот по големина либиски град.

Овој град на истокот од земјата,од каде тргна бунтот против Гадафи,сега е под надзор на разни исламистички милиции и групи,од кои некои се поврзани со Ал Каеда.

Во ваквата хаотична ситуација во која се наоѓа Либија, не се знае колакава е вистинската сила на Исламска држава, која главнината на свото дејствување досега го има насочено на широкиот појас што го има заземено во Сирија и Ирак.

Египетските медиуми откриваат дека претседателот Ал Сиси свикал специјална седница на Советот за национална безбедност, по егзекуцијата на Коптите, но засега се знае само дека владата во Каиро, забрани секаки патувања во соседна Либија.

Ал Сиси: Египет на соодветен начин ќе и се одмазди на Исламска држава

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси изјави дека неговата земја го задржува правото на соодветен начин да и одговори на Исламска држава за погубувањето на 21 Египќанец во соседна Либија.

Сиси предупреди дека Каиро ќе избере „неопходен начин и време да се одмазди за криминалните убиства“.

Сиси вчера се обрати на египетската државна телевизија, само неколку часа откако Исламска држава ја објави видео снимката за отсекувањето на главите на 21 египетски христијанин во Либија, пренесоа британските медиуми.

Исламска држава вчера објави видео снимка на која џихадистите им ги отсекуваат главите на египатски христијани Копти, грабнати во Либија, заради што во Египет е прогласена седумдневна жалост.

На снимката се гледа група од 21 египетски христијани, облечени во портокалови комбинезони, на кои потоа им се отсечени главите.

Египетскиот претседател веднаш свика итна средба на највисокото тело за национална безбедност и прогласи седумдневна жалост.

Највисокото сунитско исламско тело, Ал Азхар, погубувањето го осуди како „варварско“ убиство  и соопшти дека овој чин нема никаква врска со било каква религија или човекови вредности.

Белата куќа го осуди убиството на египетските христијани во Либија од страна на Исламска држава и повика на политичко решение на конфликтот во оваа земја, пренесоа британските медиуми.

– Бесмисленото убиство на невините луѓе е последниот од многуте одвратни активности, извршени од терористите поврзани со ИД против луѓе во регионот, вклучувајќи ги и убиствата на десетици египетски војници на Синај, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернест.

„Тоа само дополнително ја стимулира меѓународната заедница да се обедини против Исламска држава“, подвлече тој.

Овој гнасен акт уште веднаш ја истакнува итната потреба од политичко решение на конфликтот во Либија, бидејќи продолжувањето само им носи полза на терористичките групи, вклучувајќи ја и Исламска држава, додаде портпаролот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.