Џихадистите му се заканија на австралискиот премиер

Австралиски тинејџер, кој побегнал од дома и им се приклучил на џихадистите во Ирак и Сирија, денеска преку видео снимка на Исламска држава (ИД) порача дека нивната борба нема да запре се додека „нивното знаме не се развиори во секоја земја“.

Абдула Елмир (17), чиј псевдоним е Абу Калед, во видео записот објавен на интернет, му се обраќа на австралискиот премиер Тони Абот со порака дека тие имаат оружје, војници и дека нема да престанат со борбите, објави весникот „Сиднеј морнинг хералд“.

– Нема да го положиме оружјето се додека не ја освоиме вашата земја и додека не ја отсечеме главата на секој тиранин и додека црното знаме (на Исламска држава) не се развиори високо во секоја земја, порача Елмир, чие семејство е од Бенкстоун, југозападно предградие на Сиднеј.

Портпаролот на австралискиот премиер одговори дека на видео снимката се гледа опасноста од ИД.

– Како што премиерот кажа во многу прилики, ИД е закана која досега до Австралија и нашите сојузници и партнери. Затоа Австралија се приклучи кон коалицијата, за да се разбие и уништи ИД во Ирак, и на нашите сили за спроведување на законот и на безбедносните агенции им дава овластувања и ресурси кои им се потребни со цел Австралија и Австралијанците да ги направи што е можно побезбедни, наведе портпарокот на премиерот.

Австралија минатиот месец го зголеми нивото на безбедност заради опасноста од тероризам, пред се, заради се поголемата загриженост од враќање на џихадистите на континентот.