Џихадистите не успеваат да направат функционална држава

Џихадистите на терористичката организација Исламска држава не успеваат да ги одржат или воспостават основните јавни сервиси и државни институции, пишува Вашингтон пост.

Животните услови се влошиле на целата територија на калифатот. Јавните служби се во колапс, цените вртоглаво растат, а во градовите се појавил недостиг од лекови. Во ирачки Мосул луѓето не можат да пијат вода бидејќи завршиле резервите од хлор, се шири хепатит и има сѐ помалку брашно.

Локалното население и новинарите тврдат дека реалноста е радикално поинаква од пропагадните видео-снимки на ИС кои прикажуваат функционални државни канцеларии или центри за дистрибуција на помош. Во реалноста, сѐ поголем број луѓе трпат недостиг од основни нешта, граѓаните не можат да добијат документи, отпадот се трупа на улиците, училиштата пропаѓаат, доктори има сѐ помалце а болни сѐ повеќе.

„ИС не знае како да ги прави сите тие работи“, коментирал за Вашингтон пост анонимен американски функционер. „Кога нешто ќе се расипе, тие стануваат очајни. Тие немаат доволен број инженери и персонал за да управуваат со градовите, па нештата се распаѓаат“.