Џихадистите од ИД го заземаа градот Дерна во Либија

Џихадистите од терористичката организација Исламска Држава го заземаа либискиот град Дерна кој се наоѓа  во близина на границата со Египет.

Градот се наоѓа само на неколку часа од Тобрук, каде пребегаа членовите на централната власт на Либија по протерувањето од главниот град Триполи, јавува Си Ен Ен додавајќи дека џихадистите ќе ги искористат политичките превирања во земјата за да нападнат на Запад кон брегот на Медитеранот.

Околу 300 до 800 војници кои ја заземаа контролата во Дерна се најверојатно либиски џихадисти.

Во обраќањето на радио кое беше објавено минатата недела, лидерот на ИД, Абу Бакр Ал Багдади го најави приклучувањето на повеќе нови ограноци кон групата, меѓу кои ги спомена и либиските милитанти кои искажале лојалност кон т.н. калифат.

Либија е во постојан конфликт од падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година.