Џихадистите тврдат дека го убиле францускиот заложник во Алжир

Исламистичката група „Џунд ал-Кхилафа“ дел од Исламската држава, со видео порака поладнево тврди дека го обезглавила францускиот заложник 55-годишниот Ерве Гурдел, киднапиран во Алжир, пренесува дописникот на МИА од Париз.

Во видеото насловено „Крвава порака за француската влада“, снимката започнува со дел од конференцијата за печат на францускиот претседател Франсоа Оланд на која најавува дека Франција ќе учествува во воената интервенција во Ирак, исто како и снимки од воени авиони.

Потоа на неа се гледа Ерве Гурдел на колена со рацете на грбот, опкружен од четири маскирани лица.

Оваа исламистичка група побара од Франција да го прекине учеството во воените удари против Исламската држава во Ирак. Барањето беше отфрлено од претседателот Оланд. Вечерва од Њујорк, францускиот претседател потврди дека „францускиот заложник беше кукавички убиен“.