„Џихадистот Џон“ учествувал во лондонските немири во 2011

Австралискиот телевизиски „Канал 9“ тврди дека „Џихадистот Џон“ по кого е распишана меѓународна потерница, учествувал во насилните улични немири во Лондон во 2011 година.

Оваа тв станица тврди дека располага со снимка од неговото учество на првиот ден од протестите во лондонскиот кварт Тотенхем, кога демонстрантите запалија неколку продавници и една помала стоковна куќа за теписи, која целосно изгоре.

На снимката тој учествува во расправијата пред полициската станица во тој дел од Лондон, каде локалните жители се собраа да ја осудат „бруталната постапка“ на полицијата која застрела еден млад црнец осомичен дека е шверцер на оружје.

Младиот човек за кого „Канал 9“ тврди дека е „Џихадистот Џон“ всушност е лондончанецот Абдел Маџед Абдел Бари (23) кој не живеел во Тотенхем, туку во друг кварт во британскиот главен град, но дошол за да учествува во уличните антиполициски протести што од таа ноќ се претворија во улични безредија, исполнети со уништување, ограбување и подметување пожари.

Во својот говор, Бари зборувал дека „полицијата ги заштитува само своите полицајци, а не води ниту малку грижа за обичните луѓе“. Веднаш по протестот пред полициската станица во Тотенхем, најагресивните демонстранти почнаа да ги уништуваат полициските возила и да ги кршат стаклата на продавниците, иако локалните жители се согласија за мирен протест против полицијата.

Маскираниот припадник на Исламска држава кој поради својот лондонски акцент на англискиот јазик, во редовите на џихадистите го нарекувале „Џон“ стана познат низ светот по неговото учество во бруталната ликвидација на двајца британски заробеници и на двајца американски новинари, сите заробени од ИД и ликвидирани со отсекување на главите.

Последен пат, маскираниот „Џихадист Џон“ беше виден на видео снимките што ги испраќа ИД, како стои над главата на американскиот хуманитарец Питер Касиг.

За Абдел Бари, за кого австралиската тв вели дека тој е бруталниот убиец на ИД, се знае дека пред минатата година да побегне во Сирија, живеел во лондонскиот кварт Мејда Веил и дека едно време сакал да стане пејач, но пеењето го заменил со исламистичкиот радикализам.

Неговиот татко, кој е египетски имигрант во Велика Британија, беше екстрадиран од Велика Британија во САД, под обвинување дека учествувал во терористичките напади врз американските амбасади во Танзанија и Кенија во 1998 година.

Во Лондон нема официјална реакција на тврдењето на австралискиот „Канал 9“ освен што Форин Офисот вчера потврди дека располагаат со информација за тоа дека „Џихадистот Џон“ бил ранет.