Џихадистот од снимката не е убиецот на Фоли?!

Убиецот на американскиот новинар Џејмс Фоли, кој беше обезглавен можеби не е оној кој е прикажан на снимката, туку некој кој е зад камерата, тврдат експерти од Велика Британија.

Форензичкото испитување на снимката укажува дека британскиот џихадист кој зборува на прикажаната видео-снимка повеќе е ставен само за да биде прикажан, отколку за да наведе на тоа, кој е убиецот на заробениот американски новинар. Целата видео-снимка е направена и уредена за пропагандни цели на Исламска држава (ИД) и за застрашување на противниците и непријателите на оваа исламистичка, милитантна сунитска група.

Анализата на 4,40 минути долгото видео, што ја има направено една угледна специјализирана форензичка фирма, која работи и за британската полиција, меѓутоа, открива дека при правењето на снимката се користени трик камери и е правена дополнителна обработка на материјалот во текот на постпродукцијата. Експертите на фирмата забележуваат дека никаде не се гледа крв иако со нож неколкупати е повлечено по грбот на новинарот Фоли. Тие укажуваат и на тоа дека анализата на тонот открива дека несреќниот Американец морал да го повторува текстот што му било дадено да го изговори. Анализата на форензичарите сугерира дека Џејмс Фоли не бил егзекутиран пред камерата,како што тоа сака да го сугерира видео материјалот на ИД туку по завршувањето на снимањето.

Но луѓето од оваа фирма, која инсистира да остане анонимна, признаваат дека не може да дадат сосема точен и прецизен одговор за она што се случувало во последните моменти од животот на Фоли. Тие се сигурни само дека заробениот новинар е егзекутиран.