Џикиќ на поширокиот список ги вметна и Антиќ, Мекејлеб, Чековски…

Без апсолутно никакво изненадување и со вистински спој на искуството и младоста, селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Александар Џикиќ, денеска и официјално го објави поширокиот список на играчи на кои смета за претстојното Европско првенство (ЕП), на кое жолто-црвените ќе настапат во група во Загреб заедно со Хрватска, Словенија, Грција, Грузија и Холандија.

Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски и Лестер Бо Мекејлеб се играчите кои предводникот на националниот тим ги вметна на својата листа, но со нив дополнително ќе треба да се разговара дали ќе прифатат да се вратат во македонскиот состав со оглед на најавената репрезентативната пензија. Засега е сигурно дека Владо Илиевски ќе биде плејмејкер на тимот кој ќе настапи на континенталниот собир, заедно со Предраг Самарџиски, кој пред неколку дена официјално му се стави на располагање на Џикиќ откако ги пропушти ланските квалификации. Ричард Хендрикс е вториот натурализиран кошаркар во нашиот состав, кој ќе биде повикан ако Мекејлеб не прифати да се врати во националниот тим.

Од ланскиот драстично подмладен состав, селекторот смета на сите кои со херојска игра обезбедија пласман на ЕП, како браќата Стојановски, Магдевски, Симоновски, Брчков, Трајковски, Костоски, Ѓуровски и Соколов, додека тука се и Димитар Караџовски и Бојан крстевски, кои по неколку години повторно се на репрезентативниот список. На листата пратена во ФИБА за првпат е суперталентираниот Ненад Димитријевиќ како и младите и перспективни Андреј Маслонко и Љубомир Младеновски.

Подготовките на избраниот тим почнуваат на 25 јули во Скопје, а до почетокот на Евробаскетот репрезентацијата ќе одигра поголем број пријателски натпревари со силни репрезентации во Охрид и Гевгелија во нашата земја, како и во Литванија и Шпанија на подготвителни турнири за континенталниот собир. Првата фаза на ЕП почнува на 5 септември.

Списокот на Џикиќ: Владо Илиевски, Андреј Магдевски, Лестер Бо Мекејлеб, Александар Костоски, Димитар Караџовски, Димитар Мираковски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Дарко Соколов, Ивица Димчевски, Владимир Брчков, Бојан Трајковски,Стојан Ѓуроски, Ѓорѓи Чековски, Кирил Николовски, Перо Антиќ, Бојан Крстевски, Предраг Самарџиски, Ричард Хендрикс, Марјан Јанески, Љубомир Младеновски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Маслинко.

Извор: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.