Џикиќ не се откажува од Илиевски, Антиќ, Мекејлеб…

Српскиот стратег Александар Џикиќ речиси сигурно ќе ја предводи кошаркарската репрезентација на Македонија на претстојното Европско првенство (ЕП) во Загреб, нешто што денеска треба и официјално да се потврди на состанокот на селекторот и новиот претседател на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Петар Наумоски.

Тренерот кој направи одличен успех во ланските квалификации и кој со драстично подмладен тим лесно обезбеди настап на континенталниот собир веќе го има испратено поширокиот список до Куќата на кошарката. Неофицијално, на него се сите играчи кои беа дел од ланскиот голем успех, но и тие што решија да ги прескокнат квалификациите како Владо Илиевски, Перо Антиќ, Лестер Бо Мекејлеб, Ѓорѓи Чековски и Предраг Самарџиски. На листата е уште еден Американец, Ричард Хендрикс, кој имаше одличен настап на квалификациските средби.

Џикиќ на поширокиот список има вклучено и неколку таленти кои во следните години треба да бидат предводници на жолто-црвената чета. Најмлад меѓу нив е 17-годишниот Ненад Димитријевиќ од Хувентуд, а тука се и Андреј Маслинко (Стела Азура) и Андреј Магдевски, кој лани дебитираше за Македонија. Селекторот в предвид го има и Кристијан Николов, кој досега настапуваше за Галатасарај, но само ако го одржи зборот и го врати македонското државјанство од кое привремено се откажа поради недоразбирањата со претходното раководство на МКФ.

Селекторот на новите предводници на макбаскетот ќе им даде рок до средината на јули да разговараат со сите играчи од поширокиот список, по што би имал појасна слика за да ја формира листата на 15-16 играчи со кои би ги почнал подготовките. Стартот на тренинзите е предвиден за крајот на јули. Македонија на ЕП 2015 е во групата Б во Загреб заедно со Хрватска, Словенија, Грција, Холандија и со Грузија.

Извор: Спортмедиа

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.