Џикиќ: Овие момци можат повеќе

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Џикиќ веднаш по победата над Белорусија изјави дека треба да бидеме задоволни од пласманот на ЕП, но потенцираше дека овој состав на Македонија е способен за многу поголеми успеси.

-Ќе играме на Европското првенство следната година, што значи дека сите треба да бидеме задоволни. Го задржавме континуитетот на играње против најдобрите европски селекции. Сепак, морам да кажам уште еднаш – не сум презадоволен бидејќи знам дека овие момци можат повеќе. Проблемот е дека тие не знаат, но ќе научат, со време. Кога ќе научиме некои есенцијални работи во кошарката, тогаш ќе бидеме уште подобри. Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои беа со оваа репрезентација во текот на подготовките и натпреварите. Почнавме како една целина, како тим и успешно завршивме на истиот начин, изјави селекторот Александар Џикиќ.

Местото на одигрување на континенталниот шампионат, спред информациите, ќе биде познато на почетокот на септември.

Августовските квалификации ја дополнија листата на учесници на Евробаскетот, покрај Македонија ќе настапат: Шпанија, Украина, Естонија, Франција, Словенија, Хрватска, Литванија, Србија, Финска, Грција, Турција, Летонија, Израел, Босна и Херцеговина, Белгија, Грузија, Чешка, Германија, Холандија, Полска, Италија, Русија и Исланд.