Џикиќ задоволен посветеноста на кошаркарите

Македонија убедливо ги совлада трите противници (Австрија, Романија и Грузија) на турнирот во Охрид, а селекторот Александар Џикиќ со чести ротации во текот на трите натпревари, се обидуваше максимално да ги воигра кошаркарите пред продолжението на подготовките.

„Резултатски беше добро, имавме периоди на добра игра, но и периоди кога не игравме добро. Сепак, тоа што е најважно е дека момците навистина се трудат. Постојано даваат се од себе и сакаат да одат напред“, вели Џикиќ. „Се надеваме дека малите проблеми што ги имаме со повреди ќе се санираат брзо и повторно ќе го имаме цел тим за да продолжиме со редовна работа во Скопје. Полека сфаќаат дека мораат да превземат улоги кои ги немале досега и тоа е многу важно. Во ситуацијата во која што сме, треба многу да внимаваме да бидеме економични, односно да најдеме резултанта меѓу работата и времето. Времето до почетокот на квалификациите ни е ограничено, така што треба внимателно да одбереме да работиме тоа што можеме да го завршиме како што треба“, изјави Џикиќ.