Џиновски астероид поминува покрај Земјата

Астероид со пречник од 1,3 километри денеска многу ќе се доближи до Земјата, најави програмата на НАСА за следење објекти блиску до Земјата. Доколку астероид со таква димензија удри во Земјата, би можел да ја опустоши нашата планета, но експертите очекуваат дека безбедно ќе помине покрај неа.

Астероидот наречен 1999 FN53 е најголем објект моментално видлив на радарот на НАСА. Првпат е откриен март 1999 година и се очекува дека ќе пролета покрај Земјата со брзина од речиси 14 километри во секунда (двојно поголема брзина од брзината на ракета при излетување), на оддалеченост од околу десет милиони километри.

Иако во блиска иднина ќе има објекти кои ќе пролетуваат покрај Земјата на помала оддалеченост, ниеден од нив не е со огромни димензии како FN53. Тој факт предизвика шпекулација за тоа што би се случило кога навистина би удрил во нашата планета.

Бил Нејпир, професор по астрономија на Универзитетот Бакингемшир, верува дека „сосема сигурно ќе предизвика смрт на околу 1,5 милијарди луѓе“ и „масовно изумирање на човештвото“.

– Доколку би паднал во море, облак халогени гасови би достигнал во стратосферата и би ја уништил озонската обвивка. Тоа би овозможило сончевите зраци без пречки да ја погодат Земјата, небото толку многу би се загреало што вегетацијата би изгорела, рече тој.

Сепак, нема причина за паника, бидејќи нема навестувања дека 1999 FN53 ќе ја погоди земјата или ќе се доближи толку што на кој и да е начин би можел да ја загрози.