ДЗЛП и ЕВН со нова кампања за поквалитетна услуга

Дирекцијата за заштита на личните податоци и ЕВН Македонија денеска ја промовираа новата заедничка кампања „Клучот за добрата услуга е во ваши раце“, со цел ажурирање на личните податоци на корисниците, со што ќе се овозможи поквалитетна услуга.

Директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Димитар Ѓеорѓиевски информира дека оваа кампања е од доброволен карактер и потенцира дека со ажурирањето на личните податоци на корисниците на ЕВН ќе се добие подобра и поквалитетна услуга.

–  Точните, ажурирани податоци на корисниците ќе помогнат за добивање точни сметки, услугата ќе биде поквалитетна и ќе се избегнат меѓусебни едоразбирања, рече Ѓеорѓиевски.

Тој додаде дека оваа кампања се состои од повеќе активности.

Личните податоци на корисниците ќе се обработуваат правично и во согласност со закон и треба да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување на формулар кој што на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки за потрошена електрична енергија. Пополнетиот формулар граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во еден од наплатните пунктови на ЕВН Македонија или да го испратат по пошта.

– Дирекцијата за заштита на личните податоци ја гарантира безбедноста на податоците. Со овој проект заеднички со ЕВН сакаме да  постигнеме воедначена заштита на личните податоци на граѓаните, да ја потенцираме потребата од ажурирање на збирките на личните податоци кај давателите на јавни услуги, со една цел, подобра заштита на граѓаните како и обезбедување поквалитетна услуга, рече Димитар Ѓеорѓиевски, директор на ДЛЗП. Воедно, потенцираше, Ѓеорѓиевски, активностите се насочени и кон подигнување на општествената одговорност на давателите на јавни услуги кон граѓаните и заедницата и подигнување на јавната свест за обврската за ажурирање на личните податоци кои се водат кај контролорите.

Со секоја добиена сметка од ЕВН, корисниците ќе добијат и образец, кој ќе можат да го пополнат со што ќе ги ажурираат точните, односно новите лични податоци, доколку има некоја промена.

Игор Гиевски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија истакна дека граѓаните имаат обврска да ги обновуваат и ажурираат податоците и додаде дека со оваа кампања ќе се запре намерното давање погрешни лични податоци на одредени групи или поединци со цел неплаќање на сметките.

– Само со точни податоци корисниците ќе можат да добијат квалитетна услуга, навреме да бидат информирани за сите теми врзани за потрошувачката на електрична енергија, редовна достава на фактурите но и да се избегнат исклучувањата поради погрешни податоци и полесно и ефикасно да се лоцираат можните прекини во снабдувањето, појасни Гиевски.  

Тој додаде дека во иднина преку добиените обрасци корисниците ќе можат да го информираат ЕВН за сите промени, а преку точните податоци полесно да дознаат за сите нови услуги и проекти на компанијата. Исто така, тој нагласи дека новиот проект ќе овозможи и поквалитетно однесување меѓу ЕВН и корисниците.

Дирекцијата за заштита на личните податоци со овој проект ја промовира и својата официјална маскота „ПРИВАТКО“, што ќе се користи при разни кампањи, публикации, организирање конференции, конгреси, семинари, промотивни настани со цел подигање на јавната свест за заштита на личните податоци.