Џоел Кемпбел на пат кон Милан

Доколку може да се верува на британските медиуми, напаѓачот на Арсенал, Џоел Кемпбел е на добар пат да се пресели во редовите на Милан.

Репрезентативецот на Костарика, кој ги импресионираше љубителите на фудбалот со својата игра на Светското првенство во Бразил, сериозно го привлече вниманието и на италијанскиот гигант Милан, кој очајно се обидува да ги засили своите редови по минатата лоша сезона. Кемпбел е фудбалер кој иако е под договор со Арсенал, беше испратен на позајмица во Олимпијакос, а според фудбалските стручњаци, Венгер и сезонава нема да смета сериозно на неговите услуги, па се очекува овој фудбалер да биде искористен во евентуалниот трансфер на Марио Балотели во Арсенал. Кемпбел плус сума од 10 милиони евра е пакетот кој Милан се обидува да го добие во замена за проблематичниот Балотели, кој се повеќе паѓа во немилост и кај новиот тренер Филипо Инзаги.

Се очекува Галијани да испрати скаути во Лондон на престојниот Емирати Куп, по што и конечно ќе се знае дали Милан ќе го добие еден од најперспективните млади напаѓачи во светот.