„Џонсон Мети“ планира до 2016-та година двојно да го зголеми извозот

Компанијата „Џонсон Мети“ планира до 2016-та година двојно да го зголеми извозот на производството во Македонија, истакна денеска Џатин Такрар, генерален менаџер на „Џонсон Мети“ Македонија и вицепретседател на Советот за странски инвестиции при Стопанската Комора на Македонија, при потпишувањето на меморандумот за соработка со Агенцијата за инвестиции и  поддршка на извозот.

„Среќни сме што сме тука во Македонија и имаме успешен бизнис, се надеваме дека двојно ќе го зголемиме извозот до 2016-тата година“, рече Такрар, одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека нивната компанија забележа експанзија, а сите проблеми со кои што се соочуваат нема да ги спречат да инвестираат.

На меморандумот за соработка свои потписи ставија Џатин Такрар во својство на вицепретседател на Советот за странски инвестиции, Хуан Педро Иманез Наваро, како претседател на Советот за странски инвестиции и Директорот на Агенцијата за инвестиции, Висар Фида.

„Странските компании кои веќе работат во Македонија се сами по себе најдобрата алатка за промовирање на земјата како атрактивна дестинација за инвестирање“, истакна Фида, кој нагласи дека Агенцијата за инвестиции и поддршка на извозот обезбедува целосна поддршка во фазата на прединвестирање, во самиот процес на инвестирање, но и во постинвестицискиот циклус.

До 20-ти јануари, како што најави, ќе се објави уште една странска инвестиција во Македонија, а до крајот на март барем пет од вкупно најавените шест нови инвестиции.

Меморандумот за соработка, кој што беше потпишан денеска, има за цел подобрување на комуникацијата со владините институции и заедничка координација при изведување на заеднички активности насочени кон заедничка соработка во развивањето на деловниот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.