Џонсон: Преодниот период по Брегзит не смее да биде подолг од две години

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека преодниот период по излегувањето на Велика Британија од Европската унија во март 2019 година не смее да трае подолго од две години.

Во интервјуто за таблоидот The Sun, шефот на британската дипломатија Борис Џонсон, во пресрет на годишната конвенција на владејачката Конзервативна партија, исто така, вели дека преодниот период треба да биде во согласност со постојните договори и ја исклучи можноста за плаќање за идниот пристап на единствениот пазар на Европската унија.

„Дали сум нестрплив во врска со тоа, сакам ли тоа да биде извршено што е побрзо можно? Да, апсолутно. Дали сакам тоа да трае подолго од две години? Не, ниту секунда повеќе“, изјави Џонсон.

Натаму во интервјуто британскиот министер за надворешни работи вели дека нагаѓањата во јавноста за неговите намери да го преземе водството на партијата се „во многу“ претерани.

Претходно во септември некои од колегите на Џонсон во владата изјавија дека тој се обидува да влијае на Брегизитот откако ја изложил својата визија за иднината на Обединетото Кралство надвор од ЕУ пред клучниот говор на премеирката Тереза Меј.

„Клучната работата за Брегзитот којашто сакам да ја пренесам на читателите на The Sun е таа дека тоа ќе биде одлично и дека треба да веруваме во себе и да веруваме дека тоа можеме да го направиме. Тоа е незапирливо“, истакнува Џонсон.