Џорџија: Полицаец белец застрела невооружен црнец

Полицаец белец од реонот на Атланта застрелал невооружен афроамериканец, веројатно психички болен, кој гол скитал околу станбениот блок каде живеел, соопшти началникот на полицијата во округот Декаб, во државата Џорџија, пренесоа британските медиуми.

Полицаецот, кој живеел во истата зграда, се појавил на повик на свој сосед кој му соопштил дека еден маж „кој, се чини, изгледал како умоболен, шетал гол и тропал по вратите“.

Според зборовите на началникот на полицијата, Седрик Александер, полицаецот го пронашол голиот сосед на паркингот пред зградата. Притоа црнецот го нападнал, па полицаецот морал да остапи наназад и го предупредил да запре, а кога овој не послушал двапати го прострелал.

-На местото на настанот не било најдено друго оружје, рече Александер на прес конференција.

Полицискиот началник додаде дека има сериозна основаност да се смета дека однесувањето на убиениот наведувало дека страда од психичко заболување.

Тој не го идентификува убиениот црнец, но „Њујорк тајмс“ напиша дека станува збор за 27-годишниот Ентони Хил.

Неименуваниот полицаец бил на служба седум години и за време на пукањето, вчера околу 13 часот по локално време, располагал со апарат за нанесување електрошокови.

За овој случај се заинтересирало и државното биро за истраги.