ДЗС: Не постои основа за каков било сомнеж во квалитетот на податоците

Ова го наведува ДЗС во реакција на соопштението на СДСМ кој најавува ревизија на објавените податоци на Министерството за финансии и Државниот завод за статистика.

Државниот завод за статистика забележува дека дел од податоците наведени во соопштението на една политичка партија се неточно пресметани, а како стручна и професионална институција надлежна за официјалните статистики во државата, Заводот нема да навлегува во политички конфронтации и апелира статистичките податоци да не се користат за дневно-политички цели, се вели во соопштението.

Според ДЗС, еден од најважните показатели за нивото на економски развој е податокот за бруто-домашниот производ кој се пресметува според европската методологија ЕСС 2010, која е донесена од страна на Европското статистичко биро – Евростат. Податоците на Државниот завод за статистика, како што се наведува, се објавуваат и од страна на Евростат, каде што се валидираат пред нивното објавување, а Евростат има воспоставено и систем на годишна оцена на квалитетот на податоците.

ДЗС потсетува дека во февруари 2017 година во нивната институција се одржало партнерско оценување на националниот статистички систем од страна на експерти-оценувачи ангажирани од страна на Евростат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.