ДЗС: Состојбата во Битола е алармантна, Могила и Новаци под вода

Територијата на Република Македонија во изминатиот период беше зафатена со врнежи од дожд кои на одредени места предизвикаа сериозни последици на  земјоделските површини, патиштата, мостовите и слично.

Подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) континуирано ја следат состојбата, вршат увид на лице место во одредени потенцијални критични подрачја.

Доколку има потреба ДЗС е подготвена да преземе соодветни мерки за заштита и спасување со ангажрање на тимовите за брз одговор и единиците за заштита и спасување од поплави, ставање во функционална употреба на пумпите за исцрпување на вода, обезбедување и поделба на вреќи за песок за правење одбрамбени насипи, ангажирање на градежни машини за интервенции на речните корита, расчистување на тесните грла околу мостовите и слично.

Во продолжение проследете го интегрално соопштението од ДЗС за тоа каква е состојбата според информациите добиени од подрачните одделенија:

ПОЗС БИТОЛА: Состојбата во Битола е алармантна. Општините Могила и Новаци се под вода. На пет места е пробиен насипот на река Црна, водата неконтролирано истекува. Во општина Могила загрозени се Вашарејца и с. Ношпал, во оваа општина се ангажирани 2 багери. Во општина Новаци ПОЗС Битола од утрово вклучи уште 1 багер за помош за справувањето со поплави покрај 15 припадници кои се ангажирани од ПОЗС Битола. Во моментот се поплавени штали и куќи.

ПОЗС ШТИП: Водотеците на реките на територијата на општините Штип и Карбинци полека се нормализираат. Поради поплавување на бунарите за пиење вода, водата во Општина Штип се уште не е за пиење. Во Ново Село реката Брегалница е во рамките на своето течение и нема поплавување на куќи. Градежните машини се сеуште активни во санирањето на речните корита.

ПОЗС КОЧАНИ: Реките во општините Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево се во опаѓање освен реката Брегалница кое е на повисоко ниво но без опасност од излевање. Водата се уште не е за пиење. Мостот на реката Брегалница на потегот Кочани-Зрновци е забранет за користење на моторни Возила. Градежната механизација која е ангажирана од ДЗС се уште е активна.

ПОЗС ПРОБИШТИП: Реките во општина Пробиштип се во опаѓање во моментот се врши подготовка за транспорт на градежната механизација во село Трипатанци за санирање на насипот од левата и десната страна на Злетовска река.

Дирекцијата за заштита и спасување вкупно има ангажирано 56 градежни машини и тоа:

-3 градежни машини во Битола: во општина Могила-с. Лознани и с. Васарејца;

-1 градежна машна во Куманово –Којнарска река;

-7 градежни машини во Штип-2 во Карбинци-Козјачка река, 3 во с.Лакавица и 2 во с. Пиперово;

-2 градежни машини во Крива Паланка- Крива река и Дурачка река;

-11 градежни машини во Радовиш-8 во с. Воиславци, 3 во с. Калуѓерица;

-25 градежни машини во Струмица-9 со с. Просениково, 4 кај браната Турија,1 во с.Мемешли, 1 во с. Добрашинци, 2 во с. Пиперево и 4 во општина Ново Село;

-4 градежни машини Пробиштип-2 кај мостот на с. Трапатанци и 2 во с. Ратавица на Злетовска река;

– 3 градежни машини во Кочани- во Чешиново Облешево, 1 на Злетовска река, 1 на Кочанска река и 1 с. Чифлик.