Еболата однесе над 2.600 жртви

Бројот на жртвите на вирусот на еболата во земјите од Западна Африка достигна до 2.630 лица, соопшти денеска Светската здравствена организација, додавајќи дека досега од оваа заразна болест се регистрирани вкупно 5.357 заболени, објави МИА.

Како што јави ИТАР-ТАСС, во соопштението се нагласува дека 45 проценти од случаите на заразување се регистрирани во последните три недели и тоа пред сè во Либерија, Сиера Леоне и во Гвинеја, кои се најтешко погодени од епидемијата.

Покрај во овие три држави болеста е регистрирана и во Нигерија, каде досега има осуммина починати и 21 заболен, како и во Сенегал, каде има еден инфициран од вирусот на еболата.